Кардиопротективен ефект на Bilberry Extract

Кардиоваскуларните заболувања (КВЗ) се водечка причина за смрт во целиот свет. Главните ризик фактори ги вклучуваат централната обезност, дијабетес, хипертензија – висок крвен притисок, зголемени нивоа на липиди во крвта.  Дополнително и зголемениот оксидативен стрес допринесува за ризикот преку инфламацијата како клучен фактор. Атеросклерозата, како причинител на кардиоваскуларните заболувања е инфламаторен процес, асоциран со оксидативното оштетување на васкуларниот ендотел (обвивката на крвните садови) (Libby, Ridker, и Maseri 2002). Поради тоа, анти-инфламаторните и антиоксидативните ефекти на антоцијанините во боровинката, покажуваат кардиопротективни ефекти, придружени со антихипертензивните, хипогликемични и карактеристики во прилог на намалување на телесната маса (Zafra – Stone и сор. 2007; Erlund и сор.2008).  Генетската експресија во макрофагите (имуни клетки) стимулирани со липополисахариди, покажува анти – инфламаторен профил (Chen и сор. 2008). Понатаму клиничката студија која вклучува субјекти суплементирани со екстракт од боровинка во тек од 4 недели, покажува намалена концентрација на инфламаторните биомаркери во плазмата (Karlsen и сор. 2010). Како главни такви маркери се високо-сензитивниот C – реактивен протеин (hsCRP), прецизен биомаркер во субклиничката инфламација и предиктор за КВЗ заедно со проинфламаторниот цитокин – интерлеукин 6 (IL-6). Во контролирана клиничка студија која вклучува 35 субјекти, кои конзумирале 100 g боровинки секој ден, потврдено е подобрувањето на тромбоцитната функција, крвниот притисок и зголемување на ,,добриот” – HDL холестерол (Erlund и сор. 2008). Студијата која вклучува 23 здрави волонтери, во временски период од еден месец, покажува значително намалување на акутното нарушување на ендотелната функција, како последица од храна богата со масти (Barringer, Hatcher, и Sasser 2008).  Дополнително, екстрактот од боровинка (320mg/дневно) во тек од 12 недели, конзумиран од 60 средовечни субјекти со дислипидемија (зголемени масти во крвта), резултира со намалување на LDL – холестеролот во просек за 14% (Qin и сор. 2009). Исто така во оваа студија, забележано е намалување на плазма концентрацијата на холестерол-естер транспортниот протеин (CETP), кој корелира со промените во липидите. Механизмот е објаснет преку способноста на антоцијанините во боровинката да го инхибираат CETP, со што се менува внесот на холестеролот во клетките (Qin и сор. 2009).
            Во однос на крвниот притисок и васкуларното здравје, антоцијанините во боровинката ја инхибираат контракцијата на мазните мускули во крвните садови (Upton 2001). Намалувањето на тромбоцитната агрегација резултира со антитромботски и антихипертензивен, кардиопротективен ефект. Намалувањето на високиот крвен притисок се базира на инхибиција на ангиотензин – конвертирачкиот ензим (ACE) (Persson, Persson, и Andersson 2009). Сигнификатна, инхибиција зависна од дозата е забележана во ендотелните клетки од папочните вени кои биле инкубирани во екстракт од боровинка (0.00625–0.1 mg/mL) за време од 10 минути (Persson, и Andersson 2009). При тоа, специфичната комбинација на антоцијанините имаат заштитна улога во исхемијата (намален проток на крв), намалувајќи ја леукоцитната адхезија со што се подобрува перфузијата на крвта (Bertuglia, Malandrino, и Colantuoni 1995).
На крај, способноста на екстрактот од дива боровинка, да го намалува ризикот од микроангиопатии, кај дијабетичарите, предизвикани од гликација на протеините со долг полу – живот, е само уште една придобивка, имајќи го во предвид дијабетесот како еден од главните фактори за развој  и компликација на кардиоваскуларните заболувања.

Напишете коментар

×
×

Cart