Mикроангиопатии кај дијабетичарите

Основата на дијабетичните микроангиопатии е задебелувањето на капиларната базална мембрана. Овие промени може да водат кон оклузивна ангиопатија и хипоксија на ткивото (намалена оксигенација) проследено со негово оштетување. Иако блага, редупликацијата на базалната мембрана е нормална во процесот на стареење, сепак најнагласена е кај лицата со дијабетес. Патолошките абнормалности на капиларите на нервите, вклучуваат и ендотелијална хипертрофија и хиперплазија (зголемување на внатрешниот дел од крвните садови), пролиферација (зголемување на клеточниот број) на интимата – внатрешниот слој на крвиот сад кој е во контакт со крвта, капиларна тромбоза и затнување на капиларите. Во контекс на ова, забележана е еритроцитна и фибриногенска агрегација, како и промена на вискозноста на крвта, во споредба со контролна група од здрави субјекти. Хемореолошките промени се проследени со нарушувања на микроваскуларниот проток и микроангиопатија кај лицата со дијабетес.

Поради долготрајниот период на нерегулирано ниво на глукоза во крвта, истата формира ковалентни врски со плазма протеините преку не-ензимски процес познат како гликација. Токму оваа гликација и формирањето на напредни гликациски продукти (AGEs) играат огромна улога во патогенезата на дијабетичните компликации, како што се ретинопатијата, нефропатијата, неуропатијата, кардиомиопатијата заедно со други заболувања, вклучувајќи ги реуматоидниот артритис, остеопоразата и стареењето како нормална појава. Процесот на врзување на глукозата со протеините, интерферира со нивната нормална, биохемиско-физиолошка функција, преку промена на 3D нативната структура на протеините, а со тоа и на ензимите кои исто така се протеини како и со рецепторите на клетките. AGEs формираат интра и екстрацелуларни вкрстени поврзувања не само со протеините, туку и со некои клучни ендогени молекули како што се липидите и нуклеинските киселини (DNA и RNA) со што уште повеќе се промовираат дијабетични компликации. Не-ензимската реакција помеѓу слободните амино-групи  на протеините и карбонилната група на редуцирачките шеќери е позната како Maillard – ова реакција. Истата е поделена на три главни фази: рана, средна и доцна. Во првата фаза глукозата  (или другите редуцирачки шеќери како што се фруктоза, галактоза, маноза) реагираат со амино групата од биолошките амини, при што се создава нестабилно соединение познато како Шифова база, кое веднаш подлежи на реаранжман со цел да се стабилизира во производ наречен Амадори – продукт. Во средната фаза овој продукт се деградира во разни реактивни дикарбонилни соединенија, преку процеси на дехидратација, оксидација и други хемиски реакции. AGEs се жолто-кафеави, флуоресцентни и нерастворливи молекули кои се акумулираат на протеините со долг полу-живот, со што ја попречуваат нивната нормална функција. При тоа, поради напречните врски на протеинските агрегати, овие нефункционални продукти се отпотрни на протеазна дигестија.

Гликацијата на различните структурни и функционални протеини, вклучувајќи ги плазма протеините (албумин, фибриноген и глобулините) и колагенот, имплицира нарушено врзување на лековите со албуминот – како главен транспортен протеин во крвта, тромбогенеза, создавање на кислородни слободни радикали, нарушена фибринолиза и регулација на имуниот систем. Од друга страна структурните промени на колагенот  имаат влијание врз диференцијацијата на остеобластите и коскената фрагилност.

 

Формацијата на AGEs прогресивно се зголемува во текот на нормалното стареење и забележано е дека се акумулираат во зглобовите на колената, колагенот во кожата и перикардијалната течност. Протеините со долг полу-живот особено колагенот содржат бројни резидуи од аминокиселините лизин, хидроксилизин и аргинин кои се особено подлежни на гликациско оштетување. AGEs се значајни каузални фактори за патогенезата на дијабетесот, катарктата, атеросклерозата, дијабетската нефропатија и невродегенеративните заболувања, вклучувајќи ја и Алцхајмеровата болест.

 

Ретинопатијата е сериозна микроваскуларна компликација од дијабетесот и е водечка причина за слепило кај индивидуи помеѓу 30 и 70 години. Се карактеризира со зголемена пролиферација на крвните садови, васкуларна оклузија, ангиогенеза, губење на перицитите од ретиналните капилари, микроаневризам, хеморагија поради зголемена пропустливост на ретиналните капилари.

 

AGEs имаат круцијална улога во губењето на транспарентноста на леќите. Катарактата е водечка причина за слепило во развиените и земјите во развој. Кај пациентите со дијабетес, прогресијата на катарактата е зголемена. Гликацијата на протеините на леќата се смета дека е еден од механизмите за развој на дијабетска катаракта. AGEs индуцираат иреверзибилни промени во структурните протеини, нивна агрегација и формирање на агрегати со висока молекуларна тежина кои ја расејуваат светлината и го намалуваат видот.

 

 

Дијабетичната нефропатија е дефинирана како прогресивно намалување на гломеруларната филтрација, придружена со протеинурија. Процесот започнува за микроалбуминурија и прогресира во протеинурија. На ниво на гломерулите се забележува задебелување на базалната мембрана, мезангијална експанзија и губење на епителните клетки – подоцити, придружено со тубуларна атрофија.

Напишете коментар